loader

Новости

Со нови проекти до подобра здравствена заштита

Категорија: Вести     Понеделник, 30 Јули 2018

Интервју: Д-р Весна Спирковска, директор на Здравствен дом “Д-р Хаим Абраванел ” - Битола.
Со нови вработувања Здравствениот дом “Д-р Хаим Абраванел ” – Битола настојува да го решава акутниот проблем присутен во здравството предизвикан од недостатокот на доктори и останат медицински персонал.

Со нови проекти до подобра здравствена заштита

Со нови вработувања Здравствениот дом “Д-р Хаим Абраванел ” – Битола настојува да го решава акутниот проблем присутен во здравството предизвикан од недостатокот на доктори и останат медицински персонал. Почетокот на 2018 година вработивме шест доктори на неопределено и двајца со договор на дело со што се надополнија најургентните места со недостаток на кадар-ИМП,амбулантите воРЕК и амбулатата во службата за школска медицина во ОУ,,Даме Груев,,. Моментално имаме согласност за вработување на уште девет доктори и еден стоматолог,за што овие денови ќе биде распишан конкурс, а во тек е барање до министерство за одобрување на вработувања на медицински и немедицински персонал, вели Д-р Весна Спиркоска, директор на Здравствениот дом “Д-р Хаим Абраванел ”. Во текот на оваа година очекувам да успееме да распишиме девет специјализации за подобрување на специјалистичко консултативните прегледи, вели таа посочувајќи дека со голем број проекти сите служби настојуваат нивото на здравствената заштита во здравствениот дом да го подигнат колку што е можно повисоко.


- Недостатокот на медицински кадар е најголемиот проблем во македонското здравство. Како со овој проблем се справувате во Здравствениот дом “Д-р Хаим Абраванел ” во Битола?

Спирковска: И натаму главен проблем со кој се соочуваме останува недостатокот на медицински кадар. Старосната граница на здравствените работници е висока. Тоа е главниот проблем и затоа акцентот на целата наша работа моментално е ставен на вработувањата . Го искористивме планот за 2017 година и вработувањето за таа година, така што успеавме да вработиме шест доктори и двајца доктори со договор на дело со што ги надополнивме основните услови за работа. Ги надополнивме празните места во итната медицинска помош, бидејќи таму беше состојбата најкритична,во амбулантите во РЕК Битола и во една амбуланта во службата за школска мадицина.На овој начин овозможивме докторите специјалисти по трудова медицина да не работат т.е да не надополнуваат во амбулантите во РЕК . Истовремено со нивно комплетно вклучување во нивната вистинска дејност-систематски превентивни прегледи на вработените во многу работни организации. Со тоа успеавме да бидеме поконкурентни и да добиеме многу поголем број на тендери во таа област. Тоа се должи секако и на тоа што имаме квалитетни услуги кои се нудат на работните организации.

Инаку , во тек сме на распишување на конкурс за вработување на нови девет доктори. Се надеваме дека ќе ги добиеме бидејќи имавме обезбедено средства. Исто така и буџетските средства ги користиме за вработување на тие девет доктори, кои што би заминале на специјализација. Три специјализации ни требаат за вонболничка педијатрија, поради тоа што и докторите од школска медицина и од педијатрија ги исполнуваат условите за пензија. Три доктори ни се потребни за на специјализација по трудова медицина. Исто така ни треба и доктор по спортска медицина бидејќи во моментот немаме ниту еден. Два доктори ни заминаа во пензија, а само еден доктор е во крајна фаза на полагање на специјалистичкиот испит,така да овој вакум простор го надополнуваме благодарение на соработката со Министерството за здравство и добиената согласност- со добивање услуги од доктор специјалист по спортска медицина од Струга. Тој доаѓа еднаш неделно, односно во петок. На тој начин не дозволивме битолчани да останат без прегледи на спортистите и немаше никаков проблем во изминатите четири-пет месеци, односно воопшто не се почуствува недостаток од доктор по спортска медицина во Битола. Ако не успеевме проблемот да го решиме на тој начин, ќе беше навистина тешко за младите спортисти во општината.


-Со која динамика ги планирате потребните специјализации?

Спирковска: Од нововработените доктори предвидено е девет доктори да заминат на специјализација и затоа тие се најургентни бидејќи турнусите за специјализација започнуваат од септември и октомври. Предвидени се три специјализации за вонболничка педијатрија, три специјализации по трудова медицина ,една е за детска превентивна стоматологија, една за спортска медицина и еден доктор за медицинска биохемија за во лабораторија. Значи тие се профилите кои што ни требаат за специјализација. Наназад со години не се добивале специјализации, односно по една до две годишно. Поради тоа недостатокот од доктори е огромен. Тоа е главниот проблем и за мене ова има приоритетно значење

По основ на пензионирање ќе имаме побарување за уште други девет доктори по општа медицина. Тоа е потребно за надополнување на празните места каде што заминуваат докторите. Така на пример тоа е случај со школските амбуланти каде мора недостатокот да се надомести. Во брзата помош имаме случаи на заминување во пензија. Домашното лекување е една од службите кои што се од витално значење и потребата од развој на оваа служба е од посебен интерес. Јас неодамна бев на Европската меѓународна летна школа во Будва каде што главна тема беше финансовото штедење во здравствениот систем и вниманието беше насочено точно на тие служби за домашно лекување каде што целта на СЗО е кратењето на хоспиталните болнички денови и продолжување на вонболничкото лекување. Во тоа најмногу е вклучена службата за домашно лекување. Но за тоа да се направи и кај нас потребно е да се екипира службата бидејќи таа во моментов работи само со четири доктори, по двајца во смена. И таму двајца доктори се веќе пред користење на правото на пензија и постои опасност службата да остане со два доктори, додека пред десет години се работело со осум до девет доктори. Затоа посебен акцент ставаме на развојот на службата за домашно лекување, што е една од главните точки на Министерството за здравство на Република Македонија. И Светската здравствена организација става акцент на истото, бидејќи многу е важен развојот на вонболничкото лекување на пациентите, потоа постоперативното третирање и секако таа потреба се зголемува и заради растот на старосната граница на населението. Старосната граница се зголемува и имаме се поголем број на стари лица на кои што им е потребна Службата за домашно лекување и пружање на медицинска здравствена заштита.


-Покрај доктори, дали ви се потребни и други вработувања?

Спирковска: Покрај недостатокот на доктори има потреба и од други вработувања. Тука станува збор за уште дваесеттина вработувања ако ни ги дозволи Министерството за здравство. Станува збор за средно медицински кадар. Потребни се околу шест медицинси сестри. Се работи за места кои што се празнат по основ на пензија. Исто така имавме и неколку вработувања по законска основа која се однесува на медицински сестри кои што остануваат без концесионер. Предвидено беше министерството да ги прераспредели во здравствените институции од каде што заминаа во приватните дејности. Така, имавме и три такви вработувања и нив ги вклопивме во нашиот здравствен систем во здравствениот дом.


-Во Здравствениот дом функционира и нова дежурна амбуланта. На кој принцип таа работи?

Спирковска: Од 14 април во Здравствениот дом е отворена дежурна амбуланта. Таа работи во сабота. За таа цел потпишавме договори во соработка со Фондот за здравство на Република Македонија и со приватните концесионери. Концесионерите, односно приватните матични доктори дежураат во новоотворената амбуланта во рамките на итната медицина помош. Тие имаат посебен распоред и секоја сабота ги извршуваат дежурствата во таа дежурна амбуланта. Урегентните случаи како и порано ги преземаат докторите од итната медицинска помош. Ова придонесува и за растоварување на итната медицинска помош која што имаше преголем обем на работа. Но, и за да не лутаат пациентите од една во друга амбуланта е направено вака да одат во една дежурна амбуланта во сабота. Тоа не значи дека и приватните амбуланти не можат да работат во сабота, бидејќи според законот за редовни работни саати се знае дека секој на свој начин го прави тоа и некои ги надополнуваат тие саати во сабота.

Исто така, воведена е идентификација на работното време. Воспоставени се апарати со идентификациони картици додека да почне системот со електронско евидентирање на работното време на републичко ниво. Тоа е со одлука на Министерството. Ние сме меѓу тие кои што веќе имаме воспоставено електронски систем за евиденција на работното време, но сето тоа ќе се прави централно. Централно ќе се евидентираат податоците. Во моментов тоа не се прави на тој начин, но секој ден се евидентира работното време.


-Во каква кондиција е објектот на здравствениот дом и какви санации се потребни?

Спирковска: Објектот на здравствениот дом е почнат да се гради во 1948 година. Првиот блок е ставен во функција во 1950 година. Граден е во три делови. Делот во кој што се наоѓаме е еден од постарите делови. Најголем проблем од тој аспект, како и во другите здравствени установи, е дограмата. Тоа е стара дограма. Еден дел од неа е сменет. Во текот на идниот период веќе со планот и програмата за работа ни е предвидено поставување на нова дограма. Меѓу поголемите проблеми е и покривот кој што се надеваме дека ќе го санираме според доставениот план и скица во Министерството за здравство. Тој проект е влезен во изборот на проекти кои што би требало да се изработат во идниот период. Во последниот период имаме многу често прокапување од покривот, што е случај по дождовите кои во овој период беа чести. Таков проблем имавме над гинеколошкиот диспанзер. Со чести напори успеваме таквите проблеми да ги санираме дел по дел. Но се разбира тоа не е решение. Трајно решение би било комплетно обновување со нов проект на целокупниот покрив на Здравствениот дом а после би можеле да размислуваме и за фасадното уредување. Канализационата мрежа која долги години имаше проблеми е санкционирана како што е извршено отстранувањето на дрвата кои ја загрозуваа безбедноста на објектот.


-Какви зафати се планираат кај итната медицинска помош?

Спирковска: Со години се разговара за пристапот на итната медицинска помош. Јас како лекар потекнувам токму од таа служба. Со поставување на тенда односно со поривање на просторот каде што се паркираат возилата на итната медицинска помош би се оствариле многу придобивки. Како прво во лето доколку има тенда нема да се вжештуваат самите возила. Ако се паркирани под тендата температурата во нив нема да биде толку висока при изведувањето на домашните посети. Тендите би помогнале и во зима со тоа што возилата не би биле на удар на врнежите од снег, така што нема да се забавува поради тоа стартување на возилата и екипите кои одат во посета. Бидејќи јасно е дека ако има наврнато многу снег на комбињата прво тие мора да се чистата и потоа да се тргне. Сето тоа го одолговлекува времето за обавување на посетите. Оттука, за поефикасни посети потребна е тенда и за во зима и за во лето.

За тоа немаме средства, но се надеваме дека ќе го анимираме бизнис секторот да ни помогне. Се надевам дека во Битола има фирми кои што имаат разбирање.

Што се однесува до реновирања за оваа година приоритетна е службата за итна медицинска помош. Решен е проблемот со одводот и со канализацијата. Тоа се постигна на тој начин што прво презедовме сечење на два борови кои што беа во централнито дел на дворот на здравствениот дом, чии корени беа длабоко навлезени низ темелите на домот. Потоа беа поставени нови цевки. Сметаме дека оваа година ќе имаме реновирање на службата за итна медицинска помош што би требало да заврши со поставување на тенди кај возилата. Инаку, досега имаме поставено звучна и светлосна сигнализација во службата со цел контактите да бидат побрзи односно за побрзо интервенирање.


- Од секогаш ставате голем акцент на потребата од превенција. Какви превентивни активности се преземаат?

Спирковска: Превенцијата се повеќе си го зазема местото кое што треба да го има. Во светот се дава многу големо значење на превентивните мерки заради тоа што се уште важи изреката дека е подобро да се спречи, одошто да се лечи. Дел од тоа е и вакцинирањето на децата ,каде ставаме посебен акцент на подигнувањето на свеста на населението за потребата и важноста од комплетно вакцинирано население.Овде би нагласила дека оваа година се обновени агрегати за обезбедување на ладниот ланец на вакцините ,што е од посебно значење. Проценките на светско ниво се дека 1 долар инвестиран во вакцини заштедува 17 долари за лекување. Значи многу поефтино и поблагодарно е да се вакцинира комплетно одошто од истите тие причини да се лекува и да доаѓа до некои несакани дејства како епидемии и како што има развој на одредени болести поради невакцинираност на населението.

Оваа година отворивме и канцеларија за ромски медијатор во рамките на Домот за народно здравје. Од страна на Министерството за здравство е вработен ромски медијатор кој помага во медицинската едукација на ромското население каде што нивото на вакцинираност е помало и на тој начин се помага за подигнување на свеста кај таа популација на повисоко ниво. Со тоа имаме и зголемување на бројот на вакцинирани деца од ромската популација. Тука ги вршиме едукациите не само за вакциналниот дел, туку и за други делови од здравствената дејност. Морам да нагласам дека во овој момент во Македонија потребата од медицинска едукација е повеке од потребна за секој сегмент од здравството. Таа медицинска едукација можеби преку вакви програми, преку јавни активноси и преку медуми ке ја зголеми врската доктор-пациент се со една цел-подобар здравствен систем,позадоволни пациенти и поголема почит кон белиот мантил.Мора да се зголеми застапеноста на емисии и пишувани текстови наменети за медицинска едукација на населението. Тука спаѓа и едукацијата за заштита од голема употреба на антибиотици и слични други тематикиод областа на здравството.


- Каква е состојбата на возниот парк?

Спирковска: Со моето доаѓање го најдов возниот парк во една незавидна состојба. Три возила не беа во возна состојба и во тек беше нивно санирање. Мора да нагласам дека тие се со доста поминати километри и многу честа појава на дефекти. Во овој момент сите санитетски возила се во исправна состојба со голема упорност и работа од страна лицата кои што се задолжени за нивно одржување.


- Каква е здравствената заштита во битолската околина?

Спирковска: Лично имам изработено проект Рурален доктор. Тој проект во дослух со министерот за здравство еобработен и доставен во министерството. Со овој проект имаме намера да се отворат пет пунктови во околината на Битола. Целта е да се обезбеди здравствена заштита за целото население во селата и населените места околу Битола. Веќе имавме состанок со месните кооринатори во селата каде ќе има пунктови. Се договоривме заеднички да го реализираме овој проект, при што е предвидено вработување на еден доктор како рурален доктор. Првично е предвидено тоа да функционира еднаш неделно. За почеток ќе биде еден доктор, но кога ќе се вклучи уште еден доктор ќе можеме да го прошириме проектот на два пати неделно. Со вработувањето на доктори ке бидеме во можност да почниме да го реализираме новиот проект


- Оваа година имавте промена на името на здравствениот дом во “Д-р Хаим Абраванел”. Каква е соработката со внуката на доктор Абраванел?

Спирковска: Оваа година ја спроведовме одлуката која беше донесена од екс министерот за здравство Тодоров за преименување на Здравствениот дом во Здравствен дом “Д-р Хаим Абраванел”и по тој повод беше организирана и свечена церемонија.Исто така учествувавме и во организацијата на,, Маршот на живите ,,на 11 март , на кој што учествуваа над 50 делегации од повеке земји во спомен на Холокаустот. Почетокот на маршот и главната манифестација беше во дворот на Здравствениот дом, каде што некогаш се наоѓало таканареченото еврејско маало. Можам да кажам дека соработката со претставниците на Израел е на посебно високо ниво посебно со внуката на др.Хаим Абраванел г-га Рахел Шели Леви Драмер која е се почесто присутна во нашиот град и е наш посебен гостин.


- Со оглед на тоа што се навршува една година од вашето назначување за директор на здравствениот дом каква е вашата оценка за тоа што е направено во вашиот мандат досега?

Спирковска: Јас сум задоволна, посебно со оглед на сето она што го затекнавме- почнувајќи од техничките проблеми кои што постоеја во Здравствениот дом па се до недостатокот на персонал. Јас знаев во што влегувам, знаев во каква ситуација е З,дравствениот дом бидејќи и претходно работев во установата, но,да бидам искрена не знаев дека тие проблеми се толку многу длабоки. . Но, ентузијазмот и волјата ме држат низ тоа дека нешто треба и мора да се направи, дека здравството мора да застане на здрави нозе и дека докторите треба да си го најдат своето место, бидејќи работат една многу тешка и одговорна професија. Тој ентузијазам со кој започнав на ова место се уште ме држи и ме уверува дека мора да успееме. Не смееме да се откажеме и сигурна сум дека ќе биде многу подобро од ова што е. За таа цел имаме и добра соработка со Министерството за здравство како и со ФЗО. Имаме разбирање и мислам дека ако ни се дозволат сите вработувања кои што ги бараме, работите ќе бидат подобри. И ако се остварат ветувањата од Министерството за здравство мислам дека се ќе биде како што треба.Се става акцент на редовни медицински едукации на вработените за што истите се испракаат на сите организирани усовршувања.

Воведовме комплетна компјутеризација на податоците со набавка на нов сервер. Изработуваме и веб страна за поголема транспарентност и комуникации. Со тоа сите активности на Здравствениот дом ќе бидат презентирани и ќе се има увид во работењето на Здравствениот дом. Тоа е во рамките на препораките на Министерството за здравство. До моето доаѓање како ВД Директор на Здравствениот дом имаше непочитување на Законот за работни односи и на колективните договори. Тоа веќе е надминато. Секој работен сат на вработените им е исплатен. Нема кратење по никој основ. Ноќниот оброк им е обезбеден на дежурните служби според законот за работни односи и секој денар одработен како вишок од редовното работно време им е исплатен. Постои добра соработка со синдикалните претставници само со една цел-подобар здравствен систем како за вработените така и за пациентите.Времето на судски спорови и нивни непочитувани одлуки се надевам е завршено. Во план имаме и набавка на медицинска опрема. Во интерес на пациентите ги намаливме цените на ренгенот на заби со цел да бидеме поконкурентни во однос на околните приватни ренген ординации. Ги намаливме цените во согласност со фондовските цени. Воведовме и униформираност во домот. Докторите се во бела униформа, сестрите во плава. Повеќе нема шареноликост. Техничкиот персонал е во бордо униформи. Сега се изработуваат и идентификационите картици кои се предвидени со закон.

Воведени се и редовни стручни состаноци кои наназад со години ги немало. Ставаме голем акцент на почитувањето на гласот на докторите, се почитуваат нивните мислења, предлози, секоја служба се зема во предвид. Сите заедно настојуваме нивото на здравствената заштита во здравствениот дом да го подигнеме колку што можеме повисоко.

Инаку, после многу години успеваме да вработуваме и да ги развиваме службите. Но многу години наназад вирее една идеја за поставување покрив ,,настрешница,, на влезот во итната медицинска служба од која се бараат најбрзи интервенции во секој дел од Битола. Возилата се многу важни. Нивната брзина ја дава брзината на интервенциите, затоа сакаме да ги заштитиме од снегот, да не се губи драгоценото време за спасување животи, да ги заштитиме од сонцето и високите температури и да обезбедиме подобри услови за транспорт. Овде ја имаме желбата, но не и можноста. Ја имаме соработката и разбирањето на општината, но не и можноста. Можноста за реализација ја има само бизнис секторот на Битола, односно Стопанската комора на Битола.



Сподели: