Категорија: Вести Четврток, 12 Март 2020
Стручниот колегиум на ЈЗУ Здравствен дом „Д-р Хаим Абраванел“ положи цвеќе по повод 77 години од депортацијата на битолските Евреи.
Според насоките на Министерството за здравство и СЗО за спроведување на превентивни мерки од корона вирусот, оваа година 11 март не се одржува „Маршот на живите“ во спомен на жртвите на холокаустот.
На 11 март стручниот колегиум на ЈЗУ Здравствен дом „Др.Хаим Абраванел“, предводен од директорката Весна Спирковска, положувајќи цвеќе пред споменикот ја испрати моќната порака во светот: Никогаш повеќе.
На 12 март пред споменикот на Холокаустот и Споменикот на Естреја Овадија Мара во Битола беа одбележани 77 години од депортацијата на битолските евреи. Цвеќе положија и претставници од Еврејската заедница, градоначалничката на Битола Наташа Петровска, претставници од Советот на општина Битола и други здруженија и граѓани.
„Еврејската заедница оставила голем печат врз животот на битолчани. Она што го оставиле низ архитектурата, но и низ нивното живеење и преданијата, навиките и обичаите кои ги негувале се уште се присутни во нашиот град, и тоа е добро, затоа што не потсетуваат за нивното постоење на нивните простори “, рече градоначалничката Петровска.
По овој повод Битола ја посети и американска ладино пејачка Сара Ароестe, која потекнува од старо битолско еврејско семејство. „Живеам во САД , но моето срце е во Битола.“- рече таа.